Тежок удар за одбојкарите: За Европската лига останавме без еден од најдобрите
Љафтов се повреди во натпреварот против Црна Гора, а лекарките прегледи покажале дека има скинати лигаменти на скочниот зглоб и дека најмалку ќе треба да паузира еден месец.
Селекторот Јошко Миленкоски не криеше дека ова е голем хендикеп за репрезентацијата.
„Љафтов со своето искуство, квалитет и формата во која ја одигра оваа сезона комплетно подготвен се стави на располагање на репрезентацијата и реално ова е голем удар за нас. Изгледавме многу убаво на теренот на првиот натпревар, споредено со лани овој период, се функционираше одлично. И се случи повредата, откако противнички играч влезе во нашето поле и Љафтов на доскок згази на него“, изјави Миленкоски.
Одбојкарите денеска се во Струмица, а селекторот по оваа завршна фаза од подоговките ќе го дефинира и конечниот список.
„Остануваме без еден од лидерите на тимот, но ќе комбинираме со она што имаме на располагање. Овие неколку дена ќе ги искористиме тие две-три опции кои ги имаме за да најдеме најдобро решение и да направиме што повеќе комбинации кои ќе ни помогнат да го пополниме отсуството на Љафтов. Ќе работите на финесите и на дефинирање на тимот во пресрет на првите два натпревари. Исто така од денеска започнуваме и со анализи на Холандија и Луксембург, односно да видиме со какви противници ќе се соочиме и да поставиме тактика со која ќе може соодветно да одговориме на нивната игра“, додава Миленкоски.
Првиот натпревар од Европската лига Македонија го игра в петок од 19:00 часот во салата „Парка“, додека на 7 јуни в недела во истиот термин ќе играме со Луксембург.