Немало побизарна сцена: Медицинско возило удри фудбалер и тоа - среде натпревар! (ВИДЕО)

Бизарна сцена доаѓа од шампионатот на Еквадор, каде што главна тема по ноќешниот меч меѓу Ел Насионал и Лига де Портовиехо не беше резултатот, туку судирот меѓу фудбалер и медицинско возило на самиот терен.

Инцидентот се случи во 71. минута при водство од 1-0 на гостите, додека болничарите со популарниот „карит“ изнесувале повреден фудбалер на Портовиехо. Во еден момент, искусниот дефанзивец Едисон Каиседо безгрижно се движел по теренот и разговарал со некого зад себе, без да внимава каде оди. Токму тогаш директно му го пресече патот на медицинското возило, кое не успеало да го избегне контактот. Следуваше сцена која ретко се гледа на фудбалските терени – Каиседо беше буквално „соборен“ од страничниот дел на возилото и заврши на тревникот држејќи се за ногата во болки.

Иако возачот веднаш се најде на удар на критиките од клупата на Портовиехо, снимките покажуваат дека тој практично немал можност да реагира, бидејќи фудбалерот ненадејно му влегол во траекторијата на движење. Тренерот Раул Дуарте бурно реагираше по инцидентот, а членовите на стручниот штаб веднаш истрчаа на теренот за да проверат во каква состојба е нивниот играч.

За среќа, ситуацијата не заврши со посериозна повреда. И покрај ударот, 36-годишниот Каиседо собра сили и го доигра натпреварот до самиот крај. На крајот, неговиот тим успеа да ја сочува минималната предност и да слави со 1-0, но натпреварот сигурно ќе остане запаметен по сцената која за неколку часа стана хит на социјалните мрежи ширум светот.