Сестина пред дебито: Горд сум што ќе играм за Македонија, сакам да оставам значаен белег!
Пред него, ова лето шанса добија Омари Мур, Џејкоб Вајли, Итан Хап и Ди Џеј Стјуарт. Сега е ред на довчерашниот член на Олимпија Милано, кој според најавите се сели во редовите на францускиот Асвел. Тој отпатува со националниот тим за Луксембург, каде ќе го предводи комбинираниот состав во меч кој нема резултатско значење. По завршувањето на последниот тренинг, искусниот шутер ги сподели своите размислувања за националниот тим и претстојниот дуел.
„Голема чест и вистинско задоволство е за мене што ќе дебитирам за Македонија. Ова го гледам како одлична шанса да ја претставам државата на меѓународна сцена. Моите мисли се насочени исклучиво кон триумф. Влегуваме во мечот максимално подготвени и мотивирани, а ова гостување е само увертира за предизвиците што нè очекуваат во главната квалификациска фаза“, истакна Сестина.
Крилниот центар признава дека досега немал прилика да ја посети Македонија и дека неговите познавања за домашната кошарка биле скромни, но клучните информации ги добил од својот близок пријател и повремен репрезентативец, Итан Хап.
„Искрено, не бев премногу запознаен со македонската кошарка пред моето доаѓање. Дури за некои легенди, како Владо Илиевски кој беше извонреден кошаркар, мислев дека потекнуваат од Словенија. Сепак, мојот добар пријател Итан Хап ми пренесе прекрасни впечатоци за Македонија и за атмосферата во селекцијата. Исто така, добро знам за успесите на Ти Џеј Шортс, кој е меѓу најдобрите плејмејкери во Европа, па се надевам дека и јас ќе успеам да оставам значаен белег во овој тим“, додава 29-годишниот Американец.
Поради отсуството на Андреј Јакимовски и Ненад Димитријевиќ, јавноста очекува Сестина веднаш да ја преземе главната улога на паркетот, но тој потенцира дека максимално ја почитува клупската хиерархија и поискусните колеги.
„Не дојдов овде за да изигрувам ѕвезда или да се наметнувам како лидер, бидејќи во секој тим мора да се знае редот. Војдан Стојановски и Стојан Ѓуроски се столбовите и вистинските водачи на оваа репрезентација. Мојата задача е да направам сè што е во моја моќ за да им помогнам на теренот, бидејќи секогаш се трудам да бидам максимално корисен тимски играч“, дециден е кошаркарот.
Бидејќи го пропушти првиот меѓусебен дуел, тој нема целосна слика за квалитетите на Луксембург, но е сигурен во она што тој лично може да му го донесе на тимот.
„Од мене очекувајте огромна енергија, пожртвуваност и борба за секоја топка под обрачите. Исто така, се надевам дека ќе успеам и да забијам, со оглед на тоа што помина подолго време откако последен пат го направив тоа“, на шега порача Сестина.
Пресметката помеѓу Луксембург и Македонија е закажана за денеска во 16 часот, а и за двете селекции средбата ќе биде целосно растоварена од резултатски притисок.