Скандал на Ролан Гарос: На поранешен финалист бесрамно му украдоа – цел еден сет (ВИДЕО)

Мечот меѓу Жоао Фонсека и Каспер Руд во осминафиналето на Ролан Гарос доби и трето полувреме, откако тенискиот свет остана во шок по спорна судиска одлука која можеби директно влијаеше врз конечниот исход на натпреварот.

Бразилското чудо од дете славеше со 7-5, 7-6, 5-7, 6-2 и обезбеди место меѓу осумте најдобри, но во центарот на вниманието не е неговата победа, туку контроверзниот момент во тај-брејкот од вториот сет. Поранешниот финалист Руд, при водство од 8-7, имаше сет-топка и беше на чекор до израмнување на 1-1 во сетови. Во текот на размената, по форхендот на Фонсека, некој од трибините извика „аут“, по што Руд престана да игра убеден дека топчето завршило надвор од теренот. Главната судијка, Луиз Егзел, не реагираше веднаш, но по прекинот слезе од столчето за да ја провери трагата на земјата. Нејзината проценка беше дека топчето ја закачило линијата, па поенот му беше доделен на Фонсека.

Сепак, телевизиските снимки кои веднаш се проширија на социјалните мрежи покажаа поинаква слика. Според нив, топчето завршило зад линијата, што значи дека поенот требало да му припадне на Руд. Да беше донесена поинаква одлука, Норвежанецот ќе го освоеше сетот и ќе израмнеше на 1-1. Наместо тоа, Фонсека го доби тај-брејкот со 10-8, поведе со 2-0 во сетови и подоцна го приведе мечот во своја корист.

Случајот повторно ја отвори дебатата за отсуството на електронска технологија за проверка на линиите на Ролан Гарос. За разлика од многу други големи турнири, на париската земјена подлога и понатаму клучните одлуки зависат исклучиво од проценката на судиите и проверката на трагите. Контроверзниот момент не остана незабележан ниту во светските медиуми. Повеќе специјализирани тениски портали и спортски редакции посочија дека снимките покажуваат оти топчето било во аут, што дополнително ја засили полемиката околу една од најспорните одлуки на овогодишниот Ролан Гарос.