Татабања е „печена“ да падне: Охрид подготвен за европско славје за историја!
Избраниците на Борис Ројевиќ одиграа храбро во Унгарија, каде во одредени моменти имаа и шест гола предност. На крајот славеа со само еден гол разлика (29-28), но победата донесе огромна самодоверба и уверување дека европскиот сон е повеќе од реален. Во таборот на „гладијаторите“ владее еуфорија, а ракометарите се мотивирани и подготвени за најважниот натпревар во клупската историја, свесни дека ги делат само 60 минути од освојување на првиот европски трофеј.
Од другата страна стои силната Татабања, тим кој уште пред почетокот на сезоната беше означен како главен фаворит за пехарот. Унгарците доминантно стигнаа до финалето, но во првиот дуел добија јасна порака дека Охрид не е случаен финалист и дека има квалитет рамноправно да се носи со најсилните.
Крај Охридското Езеро сè е подготвено за спектакл. Билетите за овој меч одамна се распродадени, а емоциите се на највисоко ниво. Охрид очекува историско славје, како круна на фантастичната сезона со обезбедување на уште една европска титула за македонскиот ракомет.