КФМ го намали бројот на странци во Суперлигата - (по)голема шанса за Македонците!

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) донесе револуционерна одлука за намалување на бројот на странски кошаркари во машкиот и женскиот шампионат.

На седницата на Управниот одбор на КФМ е донесена одлука максималниот број на странци во машката Суперлига да изнесува тројца, а во женската Прва лига две кошаркарки. Во македонската Прва лига мажи, останува во сила решението од минатата сезона, односно право на настап да има еден странски кошаркар.

„На седницата на Управниот одбор беше донесена одлука за намалување на бројот на странски играчи кои можат да настапуваат во ростерите на клубовите, со јасна цел – поголем простор за развој на домашните играчи и дополнително зајакнување на македонската кошарка“, објасни КФМ.

Претстојната сезона ќе има поголем фонд домашни кошаркари на располагање бидејќи Суперлигата е скратена и место 12, ќе учествуваат десет екипи. Дел од слободните играчи ќе можат да се распоредат во суперлигашките тимови, на местата ослободени од еден странски кошаркар.