Мелсунген и Кил ќе се борат за трофејот во Лига Европа

Ракометарите на Мелсунген триумфираа против Фленсбург со 37-30, додека Кил славеше со 29-28 над Монпелје, па тие две екипи ќе се соочат во финалето на Лига Европа.

Голема битка се водеше меѓу Мелсунген и Фленсбург во првото полувреме, а на паузата со предност од еден гол (15-14) замина Мелсунген.

Фленсбург го загуби ритамот во вториот дел, а тоа знаеше како да го искористи Мелсунген кој на крајот триумфира со убедливи 37-30.

Најефикасен во победничкиот тим беше Екс-вардарецот Данис Криштопанс со девет голови, додека Симон Питлик постигна осум погодоци на спротивната страна.

Кил уште во првото полувреме направи исчекор кон победата (15-10), односно така делуваше сè до стартот на вториот дел кога Монпелје се разбуди и направи пресврт (21-19). Сепак, германскиот гигант не се предаде и внесе неизвесност во мечот, а во финишот триумфира со 29-28.

Фото: Facebook/MT Melsungen