Пелистер го надигра Алкалоид и го „зграпчи“ второто место во Суперлигата

Ракометарите на Пелистер триумфираа со 31-26 против Алкалоид во дербито од последното коло во плејофот на Суперлигата, а со тоа го освоија второто место.

Алкалоид имаше подобар почеток и предност од 3-0, а Пелистер набрзо успеа да ја врати неизвесноста. Сепак, следеше нов блесок на скопскиот тим и предност од 12-9, но огромен проблем за Алкалоид беше повредата на Урош Борзаш кој мораше да го напушти паркетот.

Пелистер направи целосен пресврт на почетокот на вториот дел, а потоа влезе во одлична серија за да стигне до важна победа на крајот. Најефикасен во победата беше Филип Кузмановски со седум голови, додека Дамјан Митев постигна седум погодоци за Алкалоид.

Битолчани имаат ист број на бодови со Охрид, но поради подобра гол-разлика го освоија второто место во Суперлигата.