Седлоски пред мечот против БиХ: За нас нема пријателски натпревари, секогаш одиме на победа!

Македонија утре ќе одигра пријателски натпревар против Босна и Херцеговина во Сараево, а селекторот Гоце Седлоски кажа дека одат на победа.

Седлоски ќе има изменет состав, односно повеќе нови имиња во репрезентацијата, но кажа дека целта на Македонија останува иста, а тоа е да се прикажат во најдобро светло и да триумфираат.

„Сакаме да се докажеме и тимски и резултатски. Најважно е да излеземе на терен и да одиграме најдобро што можеме. Ќе дадеме максимум, а нека победи подобриот. Ние сме фокусирани на нашата игра и на тоа како ќе ги одиграме овие 90 минути, но и Босна сигурно има мотив да се покаже во добро светло пред своите навивачи.

На Босна и Херцеговина ѝ посакувам успех на Светското првенство. Заслужуваат честитки, ја елиминираа Италија, исто како што и ние тоа го направивме во претходниот бараж. Но, сега следуваат нови предизвици и постојано мора да се докажуваме.

За нас нема пријателски натпревари. Секогаш излегуваме на терен со желба да се претставиме во вистинско светло и да победиме. Сакам на најдобар можен начин да се подготвиме за Лигата на нациите. Се надевам дека ќе бидеме поефикасни во нападот.

Играме против силни репрезентации како Босна и Херцеговина и Турција. Ќе се обидеме да постигнеме голови, но многу ќе зависи и од противникот. Мора да бидеме компактни. Играчите се подготвени и задоволен сум од тоа како работевме во изминатите денови.

Новите фудбалери донесоа свежина во тимот, а добро беа прифатени и од останатите репрезентативци. Повикав повеќе нови играчи и сите ќе добијат шанса да се докажат. Дел од нив ќе стартуваат и на утрешниот натпревар.

Елези играше добро во Сараево и заслужено е на списокот. Имаме два натпревари и сигурно ќе добие минутажа. Не е само тој новитет во споредба со мартовскиот циклус. Повикавме играчи и од домашното првенство и од странски лиги. Верувам дека имаат квалитет за националниот тим.

Имам неколку варијанти за замена на повредениот Барди, а конечната одлука ќе ја донесам по денешниот тренинг“, вели Седлоски.