Покетино жестоко одговори на критиките - по мејл им соопштил лоша вест на играчите!

Селекторот на САД, Маурисио Покетино го објави составот за Светското првенство, а оние кои ги изостави ги информираше преку мејл дека нема да бидат дел од Мундијалот.

На поширокиот список на Покетино беа 55 фудбалери, од нив стратегот избра 26, а на останатите преку електронска пошта им ја соопштил лошата вест.

„Соочи се со своите играчи и покажи им ја почитта која ја заслужуваат“, рече поранешниот американски репрезентативец Херкулес Гомез кој го искритикува потегот на Покетино преку мејл да им соопшти на фудбалерите дека не се повикани.

Следуваше жестока одбрана од Покетино кој објасни зошто смета дека тоа е вистински начин на комуникација во оваа прилика.

„Работиме во средина полна со почит. Но, јас бев играч. Кога не бев повикан во тимот, не сакав тренерот да ме вика. Што ќе кажеш? Ќе лажеш? Не си во тимот затоа што верувам дека друг соиграч е подобра опција во овој момент“, вели Покетино.

Тој потсети и на неговиот отказ од Тотнем во 2019 година и направи споредба.

„Претседателот Даниел Леви рече дека сака да разговара со мене. За што сакате да разговарате? Ако ме отпуштате, разговарајте пред да ме отпуштите. Не потоа, кога веќе сте ја донеле вашата одлука. Немам што да кажам. Не сакам ништо да чујам“.

„Не спиев последните две или три недели. А денес не можам да уживам во овие 26 момци пред мене бидејќи размислувам за оние што беа изоставени. Тоа е загрижувачко“.

„Ако требаше да им се јавам, ќе го правев тоа за себе. За да можам да кажам дека се јавувам, дека сум многу хуман и дека сакам да дадам објаснување. Ајде, ве молам, тоа се глупости!“