Алварез сака да си оди од Атлетико, ама прашање е дали Барса има пари да го купи
Последните месеци мадридскиот клуб се обидуваше да го продолжи договорот со подобри услови за Аргентинецот и да го направи најплатен во тимот со 10 милиони евра по сезона бидејќи го смета за клучен дел од тимот, а и не сака да го препушти на ривалите, пред се Барселона. Алварез не само што не прифатил, туку, како што објавува Марка, се обидува да најде излез од Атлетико и да замине во поголем клуб со кој ќе се бори за трофеи имајќи предвид дека во две сезони во својот сегашен клуб не освои ништо.
Во Атлетико полека се подготвуваат да останат без својот прв напаѓач, но кристално е јасно дека сакаат добро да го наплатат неговото заминување. Нема шанси да го продадат за помалку од 150 милиони евра, а мал е бројот на клубовите кои можат да платат толку.
Барселона последната година се обидуваше да го убеди Алварез да побара трансфер од Атлетико што би ја олеснило работата за негова преселба на Камп Ноу. Сепак, се чини дека каталонскиот клуб не може да си дозволи 150 милиони евра иако неодамна се врати на правилото 1:1. Атлетико би прифатил во трансферот да биде вклучен и Феран Торес кој е миленик на спортскиот директор Матеу Алемани, но фудбалерот на Барса не сака да си оди, а има важечки договор. Сето тоа ги комплицира работите, но на сите во Барселона им е јасно дека без квалитетна замена за Левандовски и напаѓач кој би гарантирал 25-30 гола во сезоната, нема што да бараат претстојната натпреварувачка кампања.