„Лошото“ момче Родригез доаѓа во Вардар: Ја тепал сопругата, бил осуден условно, избркан е од репрезентацијата!
На површина излезе контроверзниот репрезентативец на Луксембург, Герсон Родригез, кој последните денови се поврзува со Вардар. Станува збор за 31-годишен напаѓач, роден во Португалија, ја поминал школата на Мец, но професионалната кариера ја почнал во Луксембург каде што поминал четири години и добил државјанство на оваа земја, па како резултат на тоа бил и репрезентативец со 72 настапа и 23 гола со што е најефикасен играч во историјата на луксембуршкиот национален тим. Но...

Од него бил избркан, односно дисквалификуван лани, поради проблематичниото однесување кое можело да го однесе дури и во затвор. Во март 2019 година Родригез нападнал непознато лице пред ноќен клуб во градот Луксембург, жртвата имала фрактури на лицето од кои заздравувало неколку месеци, па Родригез морал да му плати 90 илјади евра отшета. Три години подоцна имал сличен испад, тогаш удрил непознат човек пред ноќен клуб и му ги искршил забите.
Најголемиот проблем го направил во ноември 2022 година кога во алкохолизирана состојба ја истепал својата тогашна девојка, инаку Мис на Луксембург од 2020. Таа го пријавила и минатата година Родригез добил условна затворска казна од 18 месеци и бил суспендиран од репрезентацијата. Подоцна, челниците на Фудбалската федерација на Луксембург сакале да го помилуваат со образложение дека заслужува втора шанса и Родригез бил повикан во националниот тим за квалификациските натпревари, во август 2025. Тоа предизвикало револт кај навивачите и политичарите, организирани биле и протести напаѓачот повеќе не заиграл за репрезентацијата.

Однесувањето, очигледно, бил главен проблем за Родригез низ кариерата бидејќи своевремено тој бил сметан за голем талент. По заминувањето од луксембуршкиот фудбал, тој играл во Холандија, Молдавија и Јапонија, а во 2019 година потпишал за Динамо Киев што требало да му биде круна на кариерата. За украинскиот гигант, сепак, одиграл само 33 натпревари во период од шест години бидејќи времето, главно, го поминувал на позајмици во Турција, Франција, Словачка, Кина, Саудиска Арабија и Португалија. Последен клуб му нил тајландскиот Канчахабури каде играл оваа сезона, но бил отпуштен минатиот месец.