Македонецот Грчевски го потпиша првиот договор со Црвена Звезда!

Еден од најперспективните македонски фудбалски таленти, Лука Грчевски (17 години), го направи најголемиот чекор во својата досегашна кариера, потпишувајќи го првиот стипендиски договор со Црвена Звезда.

Младиот голман, кој е член на репрезентацијата на Македонија за играчи до 17 години, со договорот официјално се обврза на долгорочна соработка со еден од најголемите и најтрофејни клубови во Источна Европа. Во белградскиот гигант не го криеја задоволството од ангажманот на македонскиот чувар на мрежата. Претседателот Светозар Мијаиловиќ и директорот на младинската школа Никола Јелиќ посочиле дека Грчевски е голем потенцијал и важна инвестиција за иднината на клубот.

Талентираниот голман потекнува од школата на Работнички, а преку Графичар стигна до младинскиот погон на поранешниот европски и светски шампион, каде сега ќе има можност дополнително да се развива и да се наметне на големата сцена.