Митревски го откажа Охрид, Пелистер го доби дербито и се качи на второ место!
Пелистерци не дозволија Охрид со победа вечерва да ја завери втората позиција, битолскиот тим одигра одличен натпревар и прашањето за победникот го реши уште во првото полувреме.
Зелените беа одлични во првиот дел. Беше рамноправно само во првите минути од натпреварот, а потоа Пелистер почна да се одлепува и да создава значајна предност. На одморот замина дури со шест гола разлика, беше 16-10 за гостите.
Во вториот дел Пелистер го контролираше резултатот, попушти во финишот кога Охрид успеа да намали од негативата и само да се избори за попристоен пораз, конечниот резултат беше 22-25.
Играч на мечот беше Митревски со 16 одбрани. Најдобар стрелец кај Пелистер беше Радивојевиќ со осум голови, Кузмановски постигна четири, за Охрид, Јасухира даде пет гола, четири постигна Прибетиќ.
На табелата двете екипи се изедначени со по 50 бодови, во меѓусебниот дуел и двата тима имаат по две победи, но гол разликата е на страна на битолчани. Во последното коло Пелистер го пречекува Алкалоид, а Охрид му гостува на Тиквеш.