Популистот Червар и неговите 100 лица: За секој народ Лино има по еден „најдобар на сите времиња“

Во светот на ракометот постојат тренери, визионери, трофејни стратези… а потоа постои и големиот Лино Червар – човекот кој направи ракометна ренесанса на овие простори, но и човек кој веројатно има прогласено повеќе „најдобри ракометари на сите времиња“ отколку свикано тајм-аути во кариерата.

ЗЛАТКО КРСТЕВСКИ

Последната епизода од серијалот „Кој е најдобриот денес?“ пристигна деновиве, кога новиот тренер на битолски Пелистер реши да изјави дека:

„За мене, Кире Лазаров е најдобриот на сите времиња“

Нормално дека на сите ни годеа вакви зборови за нашиот најдобар ракометар во историјата. Македонскиот селектор е буквално олицетворение на зборот „ракомет“ и тешко дека некој ќе може да нѐ убеди во спротивното, особено што Лазаров е човекот поради кој Македонија стана ракометна земја. И поради кој неретко се „прчиме“ пред светот.

Но...

Вчера изјавата на Червар ја возбуди и хрватската и македонската јавност. Првите беа во шок и се почуствуваа предадени (тие си го сметаат Ивано Балиќ за најдобар), а ние влеговме во екстаза дека ете, стариот лисец Червар им го „плесна“ на неговите...

Но, ајде да не бидеме еуфорични.

Не затоа што Лазаров не заслужува место меѓу великаните, туку затоа што истата таа титула низ годините Червар ја делеше како новогодишни пакетчиња.

Во едно време, за него најдобар беше токму Ивано Балиќ, кого неретко го нарекуваше – „ракометниот Моцарт“, генијалецот, најголемиот што некогаш фатил топка... Хрватските медиуми со години го пренесуваа Червар како човек што практично го прогласил Балиќ за недопирлив.

Потоа дојде ерата на Никола Карабатиќ. Одеднаш, за Червар најважни станаа трофеите, доминацијата, физичката моќ, комплетноста… Тогаш, Карабатиќ беше мерната единица за модерен и врвен ракомет.

Сега, пак, критериумот е долговечност. Ако утре некој игра до 47 години, веројатно Червар ќе излезе со нова изјава и ќе објасни дека токму тоа отсекогаш било „клучната вредност во спортот“.

Пред седум-осум години од уста не го вадеше Домагој Дувњак, секако тогаш Лино ја водеше селекцијата на Хрватска.

Кога Червар зборува за ракометот од 20. век, често знаеше да каже дека Веселин Вујовиќ и Магнус Висландер биле најдобрите...

Кај Червар критериумите се менуваат побрзо од формацијата во напад: Еднаш е важен талентот, другпат харизмата, третиот пат бројот на медали, па карактерот, за на крај да дојде долговечноста.

Практично, секој негов омилен играч од различен период добива своја персонализирана дефиниција за „најдобар на сите времиња“.

И тоа не е случајно. Червар одамна сфати дека во ракометот, покрај тактиката, најважна е и добрата доза популизам.

Ако е во Хрватска – ќе го слави Балиќ. Ако е во Македонија – ќе биде Лазаров. Ако разговара со француски медиуми, никој нема да се изненади ако повторно „открие“ дека Карабатиќ е незаменлив.

Затоа изјавите на Червар одамна не се спортски анализи, туку дипломатски говори прилагодени на публиката. Денес еден е најдобриот, утре друг, задутре трет – а единствената константа во целата приказна останува самиот Червар и неговата неверојатна способност секогаш да каже токму тоа што навивачите сакаат да го слушнат.

Кај Лино Червар, прогласувањето на некого за „најдобар“ е повеќе психолошка алатка, ПР стратегија и начин на искажување почит, отколку објективна статистичка анализа. Тој едноставно го кажува тоа што во моментот му треба за да изгради наратив и да ѝ се додвори на публиката.

И затоа не треба премногу да се возбудуваме од неговите изјави. Доволно сме ракометно зрели за самите да изведеме заклучок, наместо да ликуваме на изјавите од лицемерниот Хрват.