Арбелоа: Ми се допаѓа што Мбапе не беше среќен

Стратегот на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа на прес-конференцијата пред натпреварот против Севиља зборуваше за Жозе Мурињо и Килијан Мбапе. 

Мурињо во изминатиот период на големо се поврзува со Реал Мадрид и според последните информации работата е речиси завршена, а Арбелоа вели дека би бил среќен доколку тоа се оствари. 

„Не се согласувам со приказните дека сум немал контрола врз соблекувалната, но за мене, како поранешен играч на Реал Мадрид, Мурињо е број еден. Така мислев пред еден месец, така мислам и сега. Тој е и секогаш ќе биде еден од нас. Ако следната сезона биде тука, ќе бидам многу среќен повторно да го видам дома. Кога клубот ќе донесе одлука за тренерот за следната сезона, тоа ќе го соопшти кога ќе смета дека е вистинско време“, изјави Арбелоа.

Тој откри и дека на пат кон салата за прес-конференција се сретнал со Мбапе, со кого во изминатите денови имаше јавна расправија.

„Токму сега го сретнав додека доаѓав. Му кажав да се опушти и дека јас ќе се погрижам за сè. Разбирам дека ваквите ситуации можеби ви изгледаат како нешто ново, но сè за што зборуваше Килијан, ние веќе сме го разговарале меѓу себе. Смирено го прифатив тоа, бидејќи секогаш им велам на играчите и јас сум бил фудбалер. Разбирам како се чувствуваат во секоја ситуација, знам како е да играш секој ден, но и како е да играш помалку или воопшто да не играш. Совршено разбирам како му е на играч кој не игра. Знам дека Килијан не беше среќен поради тоа и тоа ми се допаѓа. Не би разбрал ако беше рамнодушен или ако немаше желба да игра. За мене тоа е сосема нормално и мојот однос со Мбапе останува ист“, истакна шпанскиот стратег.

Фото: Real Madrid C.F