Пелистер доби моќни спонзори во пресрет на новата сезона! (ФОТО)

Поранешниот македонски шампион Пелистер денеска потпиша спонзорски договор со голема корпорација, со што доби дополнителен „ветар в грб“ за следната сезона.

Претседателот на Пелистер, Зоран Стерјeв кажа дека во изминатиот период многу интензивно работеа на продолжување на ракометната платформа заедно со општината, на привлекување дополнителни спонзори кои што ќе го зајакнат капацитетот на клубот.

„Ќе помогнат во наредниот период клубот да остане на нивото на кое што е и овие изминати години, активно да се бориме за највисоките дострели, во националното првенство за освојување на шампионатот на нашата држава и се разбира националниот куп, а на меѓународен план колку е можно да стигнеме подалеку во некои од европските натпреварувања“, кажа Стерјeв.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски кажа дека продолжува успешната приказна меѓу клубот и општината.

„Вие сте брендот кој го осветли образот и на општината и на градот и на државата во изминатиов период. Со ова денеска објавување, официјализирање на овој партнерски однос, ова спонзорство, значи многу, значи една стабилност која ќе ја зајакне спортската платформа меѓу Општина Битола и „Еурофарм“ и нов поттик за вас секако како спортисти, за градот уште посилно и во едни стабилни услови да продолжиме понатаму да го градиме името на Пелистер“, кажа Коњановски.

Сопственикот Цветан Панделевски го потпиша договорот во име на групацијата и кажа дека му е чест што ја доби можноста финансиски да помогне на овој успешен клуб да продолжи со успехот кој досега го имаше.

„Со тој успех клубот го претставуваше градот Битола и Македонија надвор од границите. Како општествено одговорна фирма која има три компании во Македонија, особено во Битола „Пелистерка“, „Здравје“ и „ЗК Пелагонија“, сакаме да помогнеме овој клуб да го задржи нивото и да има уште подобри успеси, а со тоа преку клубот да може да не претставуваат и нас како производители, стопанственици на квалитетни и врвни производи“, рече Панделевски.