Червар: Не смеам да работам во Хрватска, па затоа прифатив да дојдам во Битола!

Многумина мислеа дека повеќе нема да се врати на тренерската клупа, особено по петгодишната пауза и фактот што веќе влезе во втората половина од осмата деценија од животот, но легендарниот Лино Червар повторно ќе работи во македонскиот ракомет.

Популарниот „Магионичар од Умаг“ од следната сезона ќе биде нов тренер на Пелистер, со кој договорил двегодишна соработка. Тој за хрватските медиуми се пожали дека можеби главна причина то решил да дојде во Битола е фактот што веќе не смее да работи во Хрватска, без да го образложи своето тврдење.

„Луѓето од клубот имаа голема желба. Со оглед на тоа што не можев да работам дома, морав знаењето и искуството да го пренесувам во странство, на туѓи деца“, изјави Червар пред официјалната промоција.

Хрватскиот стратег веќе остави длабока трага во македонскиот ракомет со Металург, кој во неговиот осумгодишен мандат го доживеа најголемиот подем во историјата – девет трофеи и две четвртфиналиња во Лигата на шампионите. Битолчани, пак, сезонава имаа големи амбиции, но резултатската нестабилност донесе турбуленции во клубот и дури три тренерски смени во текот на сезоната, иако Рубен Гарабаја ја отвори годината со трофеј во Суперкупот. Во меѓувреме, Вардар со Иван Чупиќ на клупата целосно ја презеде контролата во домашното првенство и веќе е недостижен на врвот, а го освои и Купот на Македонија.