Скандал во Реал: Валверде и Чуамени денеска се степале, еден завршил во болница!

Во соблекувалната на Реал Мадрид тензиите не само што не се смириле по вчерашниот конфликт меѓу Валверде и Чуамени, туку денеска помеѓу двајцата се случил нов и поголем инцидент. 

Според информациите на шпанска „Марка“, двајцата одново влегле во бурна расправија која набрзо преминала и во физичка пресметка, па требало да интервенираат неколку соиграчи за да ги раздвојат.  

Ситуацијата ескалирала до таа мера што Валверде по тепачката морал да замине во болница. Извори блиски до случувањата во Мадрид тврдат дека овој конфликт бил многу посериозен и поинтензивен од оној што се случил вчера.

Сериозноста на настанот резултирала со итен состанок во соблекувалната, само неколку минути по инцидентот. Ниту еден играч не го напуштил спортскиот центар, а одржан бил кризен состанок каков што не се памети во поновата историја на клубот.

Главната цел на собирот била да се спречи понатамошна ескалација на насилството и да се најде решение за проблемот кој сериозно ја загрижува клупската управа на највисоко ниво, која веќе размислува и за санкции.

Ќе потсетиме, викендов в недела во терминот од 21:00 часот Реал Мадрид ќе игра против Барселона во натпревар во кој каталонскиот гигант може и математички да ја потврди шампионската титула.

Фото: Real Madrid C.F/X