Тажен крај: Фудбалер на Борусија ја завршува кариерата на 30 години
Германскиот дефанзивец во текот на кариерата одигра 299 натпревари во Бундеслигата настапувајќи за Борусија Дортмунд, Баерн Минхен и Хофенхајм, а освои пет шампионски титули во Германија, два трофеи во Купот на Германија и историската тројна круна со Баерн во 2020 година.
За германската репрезентација одигра 49 натпревари и беше дел од генерацијата која го освои Купот на конфедерации во 2017 година.
„Сакам да објавам дека ова лето ја завршувам кариерата“, кратко изјави Зуле, кој во моментов е надвор од терените поради повреда.
Дефанзивецот на Борусија Дортмунд најави дека ќе се повлече од професионалниот фудбал по истекот на договорот на крајот од сезоната. По повредата на коленото заработена на натпреварот против Хофенхајм, тој објасни дека токму таа ситуација била пресудна за да донесе ваква одлука.
Стравувајќи од ново кинење на вкрстените лигаменти, стоперот призна дека минувал низ тежок емотивен период пред лекарските прегледи да покажат дека повредата сепак не е толку сериозна како што првично се стравувало.
Само во последните две сезони Зуле пропушти 41 натпревар поради различни повреди, а најголеми проблеми имаше токму со вкрстените лигаменти на коленото. Во сезоната 2019/20 пропушти дури 37 натпревари.
Фото: Bundesliga/FB