Тактичка битка на Емирати за финале во ЛШ - Арсенал против Атлетико Мадрид!

Денеска од 21 часот на Емирати во Лондон се игра реваншот од полуфиналето во Лигата на шампионите меѓу Арсенал и Атлетико Мадрид, првата битка заврши без победник 1-1.

Два слични стила во борба за место во финалето од Лигата на шампионите. Многумина можеби го критикуваат пристапот на Артета и Симеоне кој е дефанзивен, но ако играа на друг начин веројатно и немаше да стигнат до оваа фаза од натпреварувањето.

Мечот во Мадрид беше таков каков што се очекуваше, тврд, тактички, а двата гола беа постигнати од пенал.

Сличен фудбал се очекува и вечерва, нештата можат да бидат променети кога некој од двата тима ќе даде гол.

Овие два тима се сретнаа и во лигашкиот дел од сезоната во Лигата на шампионите, тогаш Арсенал беше убедлив со 4-0, но сега топчиите не се во таа форма. Ја немаат свежината која ги красеше во првиот дел од сезоната.

Обложувалниците поголеми шанси му даваат на Арсенал кој не знае за пораз оваа сезона во Лигата на шампионите, но Диего Симеоне никогаш на меч не излегува со бело знаме.