Лидс го надигра Барнли за 10. победа сезонава во Премиер лигата

Фудбалерите на Лидс беа подобри од Барнли со 3-1 во 35. коло од Премиер лигата и така запишаа уште еден добар резултат во елитата.

Антон Штах по само осум минути игра го пронајде патот до мрежата на Барнли (1-0), по што мрежите мируваа сè до 52. минута од натпреварот. Тогаш во листата на стрелци се запиша Ноа Окафор, додека Доминик Калверт-Луин набрзо зголеми на 3-0.

Барнли не се предаде и тргна во напад, а набрзо постигна гол преку Лукас Пиреш, но истиот беше поништен од ВАР-собата поради офсајд. Сепак, повеќе среќа имаше неговиот соигрча Лум Чауна во 71. минута кога намали на 1-3.

Лидс со оваа победа се искачи на 14. позиција и има 43 бодови, додека Барнли е претпоследен со 20 поени и веќе е јасно дека следната сезона ќе игра во понизок ранг.