Европскиот првак го разнесе Пик Сегед и на пат кон уште еден Ф4 од ЛШ

Германскиот бундеслигаш Магдебург заврши огромна работа во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите и ширум си ги отвори вратите кон уште еден настап на завршниот турнир.

Вечерва како гостин, актуелниот европски шампион го совлада Пик Сегед со 35-28 и идната недела на домашен терен треба само да ги одбрани овие седум гола предност. Натпреварот беше решен во второто полувреме откако првото заврши со минимална предност за Магдебург (15-14). Во вторите 30 минути, разликата најчесто се движеше меѓу два и три гола, а клучна се покажа серијата од 3-0 за водство од 26-20 по што Пик Сегед не успеа да се рехабилитира.

Кристијансон и Лагергрен го предводеа Магдебург со по седум гола, а најефикасен на мечот беше ракометарот на Пик Сегед, Марио Шоштариќ со девет.

Во вториот денешен натпревар, Спортинг и Алборг одиграа нерешено (31-31), но повеќе простор за задоволство има данскиот тим, не само затоа што реваншот го игра на домашен терен, туку и бидејќи денеска надополни -5 во второто полувреме.