Пропаднал бизнисот на Гигс, Велшанецот оставил долг над пола милион евра!
Имено ресторанот кој беше во негова сопственост пропаднал минатата година и зад себе оставил долг од 648.000 евра, откриваат документите до кои дојде „Сан“.
Бизнисот западнал во толку сериозни финансиски проблеми што компанијата не можела да подмири ниту сметка од 22.000 фунти (25.000 евра) кон сопствените ликвидатори. Гигс останал без 99.925 фунти (114.000 евра) кои лично ги вложил во ресторанот, основан во 2014 година заедно со неговите школски пријатели Келвин Грегори и Берни Тејлор во Ворсли, во близина на Манчестер.
Списокот на долгови вклучува и 75.616 фунти (87.000 евра) за даноци, 44.095 фунти (50.000 евра) за банкарски кредити и минуси на сметки, како и 28.302 фунти (32.500 евра) неисплатени обврски кон вработените.
„Нема да има исплата кон доверителите. Не се обезбедени доволно средства ниту за покривање на трошоците за самата ликвидација“, пишуваат медиумите.
Во март 2025 година веќе се пишуваше дека вработените во ресторанот добиле откази без да им бидат исплатени платите. При одлуката за затворање на локалот, кој со години бележел загуби, тие добиле порака дека тоа мора да се направи „поради намален обем на работа и трговија, како и зголемени трошоци“.
Дел од работниците и јавно се пожалија.
„Тоа беше целосно неочекувано. Сите требаше да работиме тој ден, а кога ги добивме пораките бевме шокирани“, изјавил тогаш еден од отпуштените работници за „Сан“.