Австриецот кој го пцуеше Алиоски: Бев арогантен и – одвратен!

Австрискиот репрезентативец во дресот на Црвена звезда, Маркo Арнаутовиќ, кој кај нас е познат по шлаканицата што му ја удри на нашиот Езџан Алиоски на меѓусебниот меч на ЕП 2021, во интервју проговори за своето детство, грешките во младоста и патот до фудбалската елита.

Австрискиот репрезентативец призна дека во младите денови бил исклучително арогантен и дека денес со дистанца гледа на тоа како на сериозна животна лекција.

„Не бев на дното, но летав високо уште на 19 години. Бев екстремно арогантен и никој не можеше нормално да разговара со мене. Мислев: ‘Кој си ти да зборуваш со мене?’. Тоа беше ужасно. Денес би можел сам себе да се навредувам за тоа“, изјави Маркo Арнаутовиќ.

Тој се потсети и на растењето, нагласувајќи дека детството го минал на улица, иако имал основни услови за живот.

„Не живеев буквално на улица, имав дом, храна, кревет… но цел ден бев надвор. Имаше тепачки, проблеми, работи за кои моите родители не знаеја. Тоа беше такво време. Денес, ако моето дете го прави тоа, би полудел“, искрено призна напаѓачот.

Арнаутовиќ зборуваше и за тешкиот почеток на неговите родители, кои од Србија се преселиле во Австрија и се бореле за подобар живот.

„Мојот татко дојде од Србија и не му беше лесно да најде работа. И мајка ми помина низ тежок период. Но тие се изборија и ни овозможија нормален живот“, истакна тој.

Во интервјуто, фудбалерот не ја заобиколи ниту темата за славата и парите, нагласувајќи дека професионалниот спорт носи големи искушенија.

„Кога станеш познат, одеднаш сите стануваат твои пријатели. Мораш да бидеш внимателен. И јас сум правел грешки, но семејството и сопругата многу ми помогнаа да станам тоа што сум денес“, додаде Арнаутовиќ.

Денес, искусниот напаѓач важи за еден од најискусните фудбалери во Црвена звезда, но и играч кој зад себе носи бурна и искрена животна приказна.