Баерн Минхен „брка“ големо засилување од Премиер лигата вредно 100 милиони евра!

Екипата на Баерн Минхен подготвува конкретен потег за ангажман на англискиот крилен фудбалер Ентони Гордон, пренесуваат британските медиуми.

Тимот предводен од Венсан Компани го означи доведувањето на ново крило како приоритет, со цел да ја зголеми конкуренцијата и ширината во составот. И покрај добрата сезона на Луис Дијаз и Мајкл Олисе, Баварците сакаат дополнително засилување на таа позиција. Гордон во моментов е главна трансфер-мета, а и самиот е заинтересиран за преселба во Бундеслига, иако не му е загарантирано место во стартниот тим.

Њукасл е подготвен да го продаде својот фудбалер, но само доколку пристигне понуда од најмалку 100 милиони евра, а сумата може и да се зголеми ако во трката да се вклучат и други клубови од Премиер лигата. Интерес за Гордон претходно покажа и Ливерпул, каде беше блиску до реализација трансфер вреден околу 80 милиони евра, со Џо Гомез како дел од размена, но зделката пропадна. Во моментов, „црвените“ не го обновиле интересот, но затоа Арсенал и Манчестер Јунајтед ја следат ситуацијата.

Баерн паралелно го следи и Јан Диоманде, кој исто така е на радарот на англиските гиганти, но Гордон останува примарна цел. Според извори блиски до германскиот клуб, Баерн го проценува Гордон на околу 70 милиони евра – сума што во Њукасл не се подготвени да ја прифатат. Англискиот репрезентативец има договор до 2030 година и нема откупна клаузула.

Се очекува Баерн најпрво да започне директни разговори со фудбалерот, пред да испрати официјална понуда до Њукасл, а во процесот би можел да помогне и Хари Кејн, кој веќе е во контакт со својот репрезентативен колега.