Шпанец е тренер на сезоната во Евролигата

Шпанскиот кошаркарски стратег Педро Мартинез е прогласен за најдобар тренер во Евролига во изборот на неговите колеги од ова натпреварување.

Мартинез ја предводеше екипата на Валенсија до второто место на табелата со учинок 25-13, а неговиот тим играше атрактивна напаѓачка кошарка и имаше просек од најмногу постигнати поени (90,9) од сите тимови во лигата.

Второто место во гласањето го освои Томас Масјуљис (Жалгирис), трет беше Георгиос Барцокас (Олимпијакос), а четврт Шарунас Јасикевичиус (Фенербахче).

Со ова признание, Мартинез стана првиот тренер на Валенсија кој ја освоил наградата за најдобар тренер во Евролигата, но и прв во историјата кој бил прогласен за најдобар тренер во двете најважни европски клупски натпреварувања, со оглед на тоа што претходно ја освои и наградата за најдобар тренер во Еврокуп.