Скапо платена победа: Сити остана без Родри

Шпанскиот играч од средниот ред Родри доживеа повреда на препоните пред крајот од дербито од Премиер лигата меѓу Манчестер Сити и Арсенал и мораше да го напушти теренот во 88. минута.

Сити вчера го победи Арсенал со 2-1 дома и сега заостанува само три бода во трката за титулата, со натпревар помалку. Сепак, триумфот беше засенет поради повредата, а клубот сега со нетрпение чека лекарски прегледи и точна проценка на сериозноста.

„Не знам колку долго ќе отсуствува Родри. Докторот рече дека станува збор за проблем со препоните, но ќе видиме по тестовите“, рече менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола.

Родри веќе имаше многу проблеми во текот на сезоната, особено со грбот и коленото, поради што пропушти 11 лигашки натпревари.