Тиквеш фатен со фантомски фудбалери и лажни легитимации – кавадарчани побегнале на полувреме!
По барање на тимот од Автокоманда, при водство на гостите од 0-2, на полувреме била извршена вонредна идентификација на гостинските играчи – и тоа што било откриено е шокантно. Дури четворица играчи настапиле под туѓи имиња, користејќи невалидни или туѓи легитимации, додека некои дури ни не знаеле кого претставуваат. Под притисок од официјалните лица, тие самите признале дека не се фудбалерите кои се наведени во записникот.
И скандалот не застанува тука – уште двајца играчи воопшто немале спортски легитимации. И наместо да се соочи со последиците, гостинската екипа решила да го напушти натпреварот и да се повлече во соблекувалната, одбивајќи да продолжи со играта.
Натпреварот бил прекинат, а главниот судија Ивица Перовски навел сѐ во записникот:
„На натпреварот од 23 коло во супер младинска лига помеѓу екипите на ФК СКОПЈЕ и ФК ТИКВЕШ, По барање на домашната екипа на полувремето да се изврши идентификација на играчите од гостинската екипа, од моја страна беше истата идентификација извршена во присуство на претставникот на гостинската екипа Димитриев Трајче кој и ја водеше екипата, претставник на домашните Стојановски Драган и судиската екипа.
Констатирано е следното: На местото од голманот во записник под број 1 ПЕТРЕСКИ ИЛИЈА со комет број 142611, на местото од голманот во записник под број 14 СТОЈАНОВ РИСТЕ со комет број 141748, на местото од голманот во записник под број 15 САМАРЏИЕВ МАРИО со комет број 139346, на местото од голманот во записник под број 82 ШОПОВ СТЕФАН со комет број 101457, играа сосема други играчи кои не ги знаеа податоците од спортските легитимации и самите признаа и си ги кажаа вистинските имиња.
Играа и двајца играчи без спортски легитимации: Трајков Христијан и Гуцинов Марко од гостинската екипа која не ги достави спортските легитимации пред натпреварот. По ова гостинската екипа се повлече во соблекувалната и не сакаше да го продолжи натпреварот кој на полувреме беше со резултат 0-2 за гостинската екипа“, пишува во извештајот на главниот судија Ивица Перовски.

Овој случај повторно ги отвори старите сериозни прашања - Како е можно ваквата злоупотреба да помине незабележано до крајот на првото полувреме? Дали ова е изолиран инцидент или врв на многу подлабок проблем во системот?
Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, на редовното Собрание речиси еден месец потенцираше дека во Комет-системот имало 30.000 измислени фудбалери.
„Досега не зборувавме за реален фудбал, туку за бројки што не постојат. До последната пререгистрација биле регистрирани 44.996 фудбалери во машка конкуренција. После пререгистрацијата бројот на машки фудбалери е 14.210. Во следниот период ќе се утврди точната бројка и во женска конкуренција. Тоа не е мала грешка. Тоа е системска манипулација“, рече првиот човек на македонскиот фудбал.