Турските спонзори во Тиквеш суспендирани поради обложување - „фрштеле“ уплати за победа на Шкендија во Кавадарци! (ФОТО)
Двајцата биле суспендирани и казнети од страна на Турската фудбалска федерација во јануари (ВИДИ ТУКА) и тоа баш во време кога од кавадаречкиот прволигаш се пофалија дека менаџерската агенција на Сезгин и Браво ќе биде нивен партнер во клубот.
Одлуката, донесена согласно член 57 од дисциплинските прописи, предвидува тримесечна суспензија и отвора сериозна дисциплинска постапка против нив. Но, ова е само дел од приказната што фрла темна сенка врз работењето на клубот од Кавадарци.


Завчерашниот ден ќе остане како еден од најцрните за кавадаречкиот спорт, затоа што во јавноста веднаш се појавија уплати во обложувалници на победа на гостите на мечот Тиквеш – Шкендија (ВИДИ ТУКА).
Тиквеш, кој во претходното коло исто така сензационално славеше на гостувањето кај Струга, вчера претрпе тежок пораз од Шкендија (1-4), што кај навивачите и спортската јавност предизвика лавина реакции и сомнежи. Начинот на кој беше одигран мечот отвори дилеми: дали станува збор за лош ден или за нешто многу посериозно?
Ова особено по информацијата дека луѓето што се дел од раководењето на клубот биле поврзувани со обложувачки скандали, ја вознемири јавноста на која сега секој резултат ѝ станува сомнителен. Сомнежите се дека некои и од македонскиот дел од раководството на клубот имале инсајдерско инфо за мечот, па затоа и наголемо се „товарело“ во кавадаречките обложувалници неколку варијанти од мечот – двојка, три голови во прво полувреме, двојка на полувреме и крај...

Јавноста во Кавадарци е бесна, навивачите велат дека Тиквеш не е приватна играчка, тоа е клуб со историја, навивачи и значење за македонскиот фудбал. Затоа, ниту институциите, ниту ФФМ не смеат да молчат. Потребна е итна и темелна истрага за да се утврди дали постои поврзаност меѓу случувањата надвор од теренот и резултатите на него.