Српските медиуми за Дарио: Нашиот комшија е вистинска сензација!

Второто место на најдобриот македонски атлетичар, Дарио Ивановски, на денешниот маратон во Белград беше прифатено како голема сензација за српските медиуми, особено неговата жестока борба со Гудет Гемсис од Етиопија, кој на крајот беше побрз за само 24 секунди.

Македонецот својот квалитет го покажа со добиената битка за среброто со Кениецот Јохан Ерот, поради што го доби епитетот најдобар маратонец на Балканот.

„Ивановски уште еднаш покажа дека може да трча во темпото на африканските фаворити, кои традиционално доминираат на долги патеки, и дека останува еден од најстабилните и најквалитетните маратонци во регионот“, пишуваат порталите од нашето северно соседство.

Главната маратонска трка во Белград привлече вкупно 2.350 учесници, а целиот викенд во српската престолнина вклучуваше дури 14.500 натпреварувачи од 79 земји. Овогодинешниот маратон се одржа во специфичен формат во текот на два дена, со полумаратон и трка од 10 километри еден ден претходно, додека целиот настан послужи и како тест за големото натпреварување - Европското првенство во трчање во 2027 година, кое ќе се одржи во Белград.