Сензација во Купот: Спартак го победи Чаир и ќе се бори за пехарот!
Иако значително засилен пред почетокот на сезоната, никој не очекуваше Спартак прво да се пласира на завршниот турнир, а сега и да стигне до финалето, преку еден од најсилните тимови во земјава. Сепак, натпреварите од Купот секогаш се интересни поради вакви изненадување, а ова на Спартак сигурно е големо ако се знае дека тимот има само пет победи во 20 натпревари од Суперлигата оваа сезона.
Спартак се наоѓаше во водство во најголемиот дел од натпреварот, на почетокот со 2-0, потоа најчесто со еден разлика, но по 30 минути игра беше 13-10. Чаир се врати во игра кон средината на второто полувреме кога израмни на 16-16, но не го презеде водството. Спартак повторно отиде на +2, а во последните четири минути влезе со 22-19. Со помош на пеналите, Чаир се доближи на еден гол негатива, ама и ракометарките на Спартак беа прецизни од седум метри и не дозволија победата да им избега од раце.
Утрешниот настап ќе биде прв во финалето за Спартак и ќе се обиде да го симне од тронот тимот на Ѓорче Петров кој е доминантна сила во македонскиот женски ракомет во моментов.