Вардар рутински со Алкалоид, в недела ќе игра за 18. Куп трофеј!
„Црвено-црните“ и четврти пат сезонава беа подобри од својот градски ривал, а денеска особено доминираа во второто полувреме во кое ја направија клучната разлика, а пропуштија можност да слават уште поубедливо. Во еден период од мечот беше и десет разлика за бранителот на трофејот што е потврда за доминацијата на поранешниот европски првак.
Алкалоид беше подобар само во почетната фаза од натпреварот кога имаше предност од три гола разлика (5-2). Во седмата минута Вардар остана без столбот во одбраната Урош Митровиќ кој доби црвен картон, но место да падне во својата игра, заигра многу подобро. Брзо израмни на 5-5, а потоа поведе со 7-6 за од 17. минута да почне да расте неговото водство. Алкалоид, сепак, не се предаде, па на голем одмор се замина со предност од два разлика за Вардар (18-16) со тоа што во 29. минута и Лазаревски доби црвен картон.
Второто полувреме Вардар го почна фуриозно и веќе во 45. минута се беше јасно. Четата на Иван Чупиќ поведе со 29-19 по што Алкалоид не успеа да се врати во игра. Без Марко Митев, Ѓорѓиев и Серафимов, тимот од Автокоманда немаше сили да го направи финишот неизвесен.
Јака Малус беше најефикасен кај Вардар со девет гола, Тузолана постигна шест, а голманот Милош Валах забележа десет одбрани. Дамјан Митев го предводеше Алкалоид со шест гола.
Во големото финале в недела, Вардар ќе игра со Охрид кој денеска беше подобар од Пелистер и првпат ќе се бори за трофејот во Купот на Македонија. Скопскиот тим ќе се обиде да дојде до својот 18. пехар во ова натпреварување.