Разочараниот Алегри: Фудбалот најчесто е убав, ама знае да биде и – многу грд!

Екипата на Милан синоќа неочекувано претрпе тежок пораз на домашен терен од Удинезе (0-3) во меч од 32. коло од Серија А, по кој тренерот Масимилијано Алегри не бараше оправдувања за себе и своите избраници.

„Росонерите“ одиграа ужасно лош натпревар на „Сан Сиро“, а головите за гостите паднаа по автоголот на Давиде Бартезаги и погодоците на Јирген Екеленкамп и Артур Ате. Искусниот стратег призна дека тимот се наоѓа во криза.

„Во лоша серија сме, загубивме три од последните четири натпревари. Не постигнуваме голови, а одбраната ни беше неорганизирана. Мора да се прегрупираме бидејќи имаме квалитет за пласман во Лигата на шампионите“, изјави тој.

Алегри нагласи дека проблемот не е во формацијата, туку во играта.

„Бевме бавни со топката и создававме шанси само кога трпеливо ја префрлувавме од една на друга страна. Удинезе е тим што знае да казни преку средината. Фудбалот најчесто е убав, ама некогаш знае да биде и многу грд“, искрен беше тренерот на „росонерите“.

Алегри се осврна и на реакцијата од трибините, оценувајќи дека свирежите се заслужени.

„Тоа е фудбалот – кога победуваш си добар, кога губиш - не си. Свирежите беа оправдани. Сега мора да реагираме и да се фокусираме на следниот натпревар“, дополни стратегот од клупата.

Тренерот предупреди дека иако борбата за титулата е практично загубена, местото што води во Лигата на шампионите исто така сериозно е загрозено.

„Овој пораз мора да ни биде опомена. Нема простор за опуштање – мора да покажеме реакција“, заврши Алегри.

Милан сега влегува во клучен дел од сезоната, каде што секој бод ќе биде пресуден во битката за место во најелитното европско натпреварување.

ФОТО: EPA PHOTO