Инвестиција на Министерството за спорт – Струга доби современо мултифункционално спортско игралиште
Со оваа инвестицијата на Министерството за спорт извршена е комплетна реконструкција на спортскиот комплекс, кој сега нуди современи услови за повеќе спортови – фудбал, ракомет, кошарка и одбојка. Просторот е опремен со нови реквизити и поставена е заштитна ограда, што ќе овозможи безбедно користење на игралиштето од страна на учениците и младите од Струга.

Новиот уреден простор првенствено ќе биде наменет за спортските активности на учениците од ООУ „Браќа Миладиновци“, но ќе биде достапен и за пошироката локална заедница, со цел промоција на здрави навики и активно живеење.

Сите овие проекти ги реализираме со цел да се подобрат условите во кои децата ќе може да спортуваат и да се рекреираат. Иако ова не е наменето за професионален спорт, сепак е многу важно за развојот на децата. За мене како министер и за Министерството за спорт младите се приоритет. Ќе продолжиме да градиме вакви мултифункционални игралишта коишто се бенефит за младите, но и за наставниците да имаат уреден и безбеден простор на кој учениците може да се занимаваат со спорт. Министерството за спорт во изминативе 18 месеци посветува посебно внимание на капиталните инвестиции и секогаш сме тука да помогнеме во рамките на нашите можности – изјави министерот Борко Ристовски.

Капиталните инвестиции и вложувањата во изградба и реконструкција на спортската инфраструктура и во наредниот период ќе бидат еден од приоритетите во работата на Министерството за спорт како клучен сегмент за развој на спортот и промоција на активниот начин на живот особено кај младата популација.
