Мајами победи во меч со 300 поени – хорор-повреда на Никола Јовиќ (ВИДЕО)

Српскиот репрезентативец, Никола Јовиќ, конечно доби шанса во дресот на Мајами Хит, но екстремно ефикасниот дуел против Вашингтон Визардс (152-136) ќе сака што побрзо да го избрише од сеќавање.

Тој постигна пет поени и беше видно мотивиран да се докаже, но паркетот мораше да го напушти со помош на лекарите. Кошаркарот на „жешките“ по еден незгоден доскок падна на паркетот и остана да лежи во болки, што предизвика шок кај сите присутни. Медицинскиот тим веднаш реагираше, а тежината на повредата ќе биде позната по дополнителните прегледи.

Инцидентот целосно ја засени убедливата победа на Мајами Хит, за кого најрасположен беше Хајме Хакес Џуниор со 32 поени. Одличен настап имаше и Келел Веар со 24 поени, 19 скока и дури седум блокади. Кај поразените, Вил Рајли уфрли 31 поен, Шариф Купер додаде 20, додека Тристан Вукчевиќ не настапи.

Детроит Пистонс, пак, ја доби битката за врвот на Источната конференција, откако славеше на гости кај Филаделфија севентисиксерс (116-93). Ова е прво вакво достигнување за Пистонс уште од 2007 година, кога тимот предводен од Чонси Билапс и Ричард Хамилтон играше финале на конференцијата. Овој „работнички“ тим сега го носи Кејд Канингем, кој моментално е надвор од терените, но формата на екипата е импресивна – 12 победи на последните 15 натпревари.

Во триумфот кај Филаделфија, Џејлен Дурен запиша 16 поени и 7 скока, додека Аусар Томпсон додаде 15. Кај домаќините, Тајрис Макси постигна 23 поени, а Пол Џорџ 20, без настап на Џоел Ембид. Со четири натпревари до крајот, Детроит има сигурна предност пред Бостон Селтикс, додека Филаделфија останува во борба за подобра позиција и избегнување на плеј-ин турнирот.