Историја за ТФТ: Ќе игра полуфинале во АБА 2!

Кошаркарите на ТФТ направија вистински подвиг славејќи во „мајсторката“ против Златибор на гостински терен со 90-80 и на тој начин обезбедија полуфинале во АБА 2 лигата.

Одлично играше ТФТ од самиот старт на натпреварот, а првата четвртина беше и најдобрата за момците на Боро Смилковски кои во овој период стигнаа и до двоцифрена предност, најголемата разлика ја направија со последните поени кога поведоа со плус 13 (28-15).

Златибор сепак се врати во вториот период и предноста на македонскиот претставник од минута во минута се топеше, па така на одмор заминаа со водство од само два поени (38-36).

Третиот период донесе неизвесна игра и двете екипи се менуваа во водството на неколку пати, но никој не можеше посериозно да се „одлепи“. Во последната одлучувачка четвртина ТФТ тргна со негатива од два поени на семафорот 59-57.

Но, тоа не ги откажа, во втората половина ја преземаа иницијативата и одново имаа водство кое го чуваа до самиот крај и не дозволија противникот да се врати во дуелот.

Во историското полуфинале ТФТ ќе се обиде да направи нов подвиг против Хелиос од Словенија.

Фото: AБА 2