Најдобар во историјата за Синер е - Ѓоковиќ!

Јаник Синер по освојувањето на титулата во Мајами се наврати на тешкиот почеток на сезоната и поразот од Новак Ѓоковиќ на Австралијан опен.

Сезоната Синер ја почна со пораз од Ѓоковиќ во полуфиналето во Мелбурн, а потоа беше елиминиран и во Доха од Јакуб Меншик. Сепак, по тие неуспеси, Синер целосно ја врати формата и триумфираше на турнирите во Индијан Велс и Мајами и тоа без загубен сет.

„Јас сум човек кој не ‘лета’ кога победува, но и не се уништува кога губи. Тоа не би било фер кон мене. Се трудам да бидам искрен со себе и да разберам дека полуфинале на Грен слем е одличен резултат. Во ред е да загубиш од Новак, најдобриот играч во историјата“, изјави Синер.

Тој додаде дека настапот во Доха бил поинаков предизвик:

„Доха е различна бидејќи не е најголем турнир, таму се обидував да го најдам вистинскиот ритам на игра. Потоа заминавме во Индијан Велс, планиравме враќање во Монако, но времето беше лошо, па директно продолживме таму. Имавме долги тренинзи. Во последните пет недели имав само еден слободен ден пред Индијан Велс, па уште еден овде поради дождот. Многу работа, многу часови, но резултатите и начинот на кој играм ме прават среќен“, истакна Италијанецот.

Синер во моментов има низа од 34 освоени сета на мастерс-турнирите, а шанса да го продолжи овој импресивен рекорд ќе има следната недела на турнирот во Монт Карло.

Фото: EPA