Навивачите во Англија си го кажаа своето - не го сакаат ВАР!
Анкетата била спроведена онлајн во периодот од 26 февруари до 23 март, а во неа учествувале речиси 8.000 навивачи на водечките клубови. Резултатите откриваат дека дури 75,7 проценти од испитаниците се против користењето на ВАР, додека 91,7 проценти сметаат дека оваа технологија ја одзела спонтаната радост при прославата на головите.
„Овие резултати ги потврдуваат нашите претходни истражувања од 2021 година, кога навивачите веќе изразија сомнежи околу воведувањето на ВАР“, изјави Томас Конакон, раководител на мрежата на ФСА за Премиер лигата.
Од ФСА информираат дека резултатите веќе се споделени со Премиер лигата и со судиската организација при што се очекува понатамошна дискусија околу евентуалното укинување.
Сепак од Премиер лигата посочуваат дека ВАР придонел за поголема точност во одлуките, а притоа бил помалку наметлив во споредба со другите европски натпреварувања.
„Во последните сезони имаме околу 100 коригирани одлуки по сезона, ситуации во кои голови би биле погрешно признати или поништени или пак би биле пропуштени , тука се и погрешно досудени црвени картони и пеналите“, соопшти портпарол на лигата.
Тој додаде дека се применува висок праг за интервенција на ВАР, при што главниот збор го има одлуката на судијата на теренот. Според нив, токму затоа ВАР е помалку наметлив во Премиер лигата отколку во другите европски натпреварувања, а како пример се наведува Лигата на шампионите каде што интервенцијата од ВАР собата била двојно поголема.