Ѓорческа: Ѓоковиќ е нормален и присебен, ама Федерер е - прекрасен и посебен!

Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа, со години наназад, сама ја води најтешката битка – не само на теренот, туку и надвор од него.

Таа, во ексклузивно интервју за „Слободен печат“, открива колку е тешко да се опстане без вистинска поддршка.

„Немам никаква поддршка околу патувањата за натпреварите, грен-слемовите – ниту финансиска, ниту логистичка. Со консултации со тренерот, самостојно ги букирам летовите, сместувањата, се грижам за финансиите. Секако дека тоа дополнително исцрпува, наместо да се фокусирам само на тренинзите... Но, низ годините некако навикнав“, вели Ѓорческа.

Но, тенисот ѝ донел и моменти кои никогаш нема да ги заборави, особено средбите со легендите на спортот.

„Ѓоковиќ е многу нормална личност, присебен човек, а со него е лесно да се разговара и да се биде опуштен. Федерер, пак, е нешто сосема поинаку – човек со неверојатна харизма и енергија која едноставно те привлекува“, дополнува Ѓорческа.

Нејзиниот пат, сепак, не бил само исполнет со убави моменти. Напротив – зад резултатите се кријат сериозни жртви и болка. Ѓорческа открива дека играла дури една година со скршеница на зглобот, без да знае за тоа.

„Доктор од квалификациите за Австралија опен ми предложи да ми стави анестезија за да продолжам да играм или да го предадам мечот. Јас одлучив да продолжам. Победив во второто коло, во третото повторно примив инјекција, но во текот на мечот престана да делува и го загубив. Со месеци одев по доктори и никој не можеше да открие што ми е. По една година, доктор во Германија ми констатираше скршеница на зглобот – и тогаш завршив на операција“, открива таа.

Целото интервју со нашата Лина може да го прочитате ТУКА.