Мбапе се спореди со Ди Стефано и Роналдо: Ако можеа тие да издржат – ќе можам и јас!

Француската ѕвезда, Килијан Мбапе, конечно проговори за критиките што го следат од доаѓањето во Реал Мадрид, истакнувајќи дека притисокот во шпанскиот гигант е нешто со што мора да се научи да се живее.

И покрај тоа што неодамна погоди во победата на Франција против Бразил, тој беше на удар на јавноста поради настапите во дресот на „кралевите“, како и поради повредата и шпекулациите за неговата посветеност.

„За навивачите на Реал, клубот е како религија. Сè што е поврзано со тимот, па и со мене, предизвикува реакции – понекогаш оправдани, понекогаш не“, изјави напаѓачот.

Французинот потсети дека не е прв што се соочува со ваков притисок во Мадрид, посочувајќи ги легендите Кристијано Роналдо и Алфредо Ди Стефано како примери.

„Во Реал мора да знаеш да се носиш со критиките. Тоа го поминале и тие – не гледам зошто јас би бил исклучок. Треба да останеш смирен и фокусиран“, порача Мбапе.

И покрај шпекулациите дека ќе се „штеди“ за Светско првенство 2026, напаѓачот нагласи дека е целосно посветен на клубот.

„Најдобар начин да бидам подготвен за Мундијалот е да освојам сè со Реал“, додаде тој.

Мбапе зад себе има импресивна година со 59 постигнати голови, израмнувајќи се со рекордот на Кристијано Роналдо, а во моментов е лидер на листата на стрелци во Ла Лига. Сепак, сè уште го чека првиот голем трофеј со „кралевите“, пред сè во Лига на шампиони.