Влезот е бесплатен: Вардар бара поддршка и полни трибини за дербито со Охрид (ВИДЕО)

Челниците на Вардар обезбедија слободен влез за сите навивачи за дербито против Охрид, кој ќе се одигра на 2 април (четврток) со почеток во 18.30 часот во салата „Јане Сандански“ и упати апел до публиката да дојде во што поголем број и да му помогне на тимот во еден од најважните натпревари сезонава.

Од клубот порачуваат дека станува збор за дуел кој може да биде клучен во трката за шампионската титула, поради што поддршката од трибините се смета за особено важна.

„Ова е моментот кога тимот има потреба од секој глас, од секоја поддршка и од полни трибини“, велат од Вардар.

Вардарци се неприкосновени лидери на табелата во плејоф-фазата од Суперлигата со 46 бодови, четири повеќе од Пелистер, кој дури има и еден натпревар повеќе. Со евентуален триумф против „рибарите“ вратите кон шампионскиот трофеј дефинитивно ќе бидат целосно отворени.