Падна Алборг: Младинците на Пелистер ќе играат за место на Ф4!

Tимот до 18 години на Пелистер денеска забележа голема победа на турнирот во Пореч над Алборг со 24-23 и во финалето ќе игра за место на фајнл-фор турнирот во Келн.

Денеска во полуфиналниот дуел младите ракометари на македонскиот претставник прикажаа една борбена игра против скандинавската екипа и на крајот заслужено се радуваа на победата.

Неизвесноста на теренот беше присутна до последните моменти, пелистерци имаа гол предност на 15 секунди до крајот, но данскиот состав беше во напад кој на крајот не го реализираше, па славјето кај нашиот претставник можеше да почне.

Најдобар поединец кај Пелистер беше Андреј Георгиев кој средбата ја заврши со 12 постигнати гола, а зад него беше Јован Симовски со шест.

Второто полуфинале е закажано за од 14:00 часот и во него ќе се сретнат Загреб и Фуксе Берлин, победникот од тој дуел ќе игра против Пелистер за место на завршниот турнир.