Барселона повторно ќе мора да го напушти „Кам Ноу“

Екипата на Барселона повторно би можела да биде преселена од „Камп Ноу“ поради завршната фаза од реконструкцијата.

Иако каталонскиот гигант успешно се врати на својот стадион во ноември, логистиката околу довршувањето на работите најавува ново привремено преселување, пренесуваат шпанските медиуми.

Тимот на Ханси Флик делува незапирливо откако повторно игра на „Камп Ноу“, забележувајќи победи на секој домашен натпревар. Атмосферата на стадионот е силен ветер во грб во трката за титулата, но токму тој моментум сега се соочува со сериозен предизвик.

Клубот неодамна доби дозвола за капацитет од 62.000 гледачи, но крајната цел е импресивни 105.000 седишта. За да се достигне тоа ниво, Барселона ќе мора повторно да го напушти својот стадион, а 2027 година се посочува како најверојатен термин за ново привремено заминување.

Според временската рамка на проектот „Еспаи Барса“, сите три нивоа на новиот стадион треба да бидат завршени до април 2027 година. Тоа ќе претставува голема пресвртница, но и почеток на најкомплексната фаза, поставувањето на масивниот кров.

Се очекува овој инженерски зафат да трае околу четири месеци. Поради безбедносни причини, во тој период стадионот мора целосно да биде празен, што значи дека Барселона ќе биде приморана неколку недели на почетокот од сезоната 2027/28 повторно да игра надвор од „Камп Ноу“.