Драма во романската репрезентација: Легендарниот стручњак доживеа срцев удар на тренинг

Селекторот на романската фудбалска репрезентација, Мирчеа Луческу (80), беше итно префрлен во болница откако се онесвести за време на тренинг.

Моментите на паника за семејството Луческу и романската репрезентација започнаа кога Мирчеа тотално се изгубил за време на утринскиот тренинг денеска, по што бил итно префрлен во болница. Извори од Романската фудбалска федерација објавуваат дека тој доживеал срцев удар. Медицинскиот персонал му пружил прва помош пред да пристигнат две екипи на брза помош на местото на настанот.

„Разговараше со фудбалерите за време на тренингот и одеднаш му се слоши. Седна на столче и престана да реагира“, изјавија извори од Федерацијата за романските медиуми.

Состојбата на Луческу во моментов е стабилна, но тој попладнево нема да патува за Словачка каде Романците во вторник треба да играат пријателски натпревар. Трофејниот стручњак беше хоспитализиран неколку пати во првите месеци од годината. Во февруари отиде во странство на второ мислење за неговата здравствена состојба, а одлуката донесена подоцна со раководството на ФСР беше да се продолжи соработката за плејофот за Светското првенство. Пред плејофот со Турција, тој призна дека ќе се пензионираше доколку имаше алтернативен селектор да ја води репрезентацијата, и призна дека не е во најдобра состојба.

Со 35 трофеи во кариерата, Луческу е трет најуспешен тренер во историјата на фудбалот, зад Алекс Фергусон (49 трофеи) и Пеп Гвардиола (40).