Вардар ЕМ и Наковски Волеј ќе се борат за трофејот од одбојкарскиот куп!

Бранителот на титулата, Наковски Волеј во финалето од женскиот одбојкарски Куп на Македонија ќе се сретне со најголемото изненадување Вардар ЕМ откако на првиот ден од финалниот турнир на 33. издание, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје успешно ја минаа полуфиналната пречка. 

„Вардарки“ најавија пред почетокот на Ф4 дека откако претходно елиминираа двајца лански учесници во завршницата Работнички Скопје и Фит Фан Волеј, тогаш зошто да не продолжат со таквото темпо во дебитантскиот настап. Во првиот полуфинален меч, тие со 3:0 (25:21, 25:16, 25:14) го совладаа градскиот ривал Газели Волеј, кој исто така премиерно настапи на еден финален турнир од Купот.

Газели Волеј имаше добро отворање на мечот и водство од 7:3, но „црвено-црните“ се изборија за егал 7:7, а потоа и наметнаа свое темпо на игра кое траеше до крајот на мечот. Вардар ЕМ понуди одличната игра во одбраната, која беше клучна за триумфот, како и стабилниот блок и добрата реализација на мрежата. 

Во таборот на Газели Волеј постојано комибинираа со составот обидувајќи се да најдат решение за играта на противникот и резултатски се држеа само во првиот сет, додека во останатите два периоди и покрај големата борба, не успеаја комплетно да му парираат на ривалот.

„Вардарки“ испишаа клупска историја, во првиот настап на финалниот турнир од Купот, стигнаа и до првото финале и шансата да се борат за првиот клупски пехар.

Одбојкарките на Наковски Волеј ќе ја бранат титулата во финалето, откако во вториот полуфинален дуел, кој го носеше епитетот „финале пред финалето“ со 3:1 (25:20, 25:22, 22:25, 25:12) го победи Младост УГД. Девојките на Хари Наковски се изборија за третото финале, второ во низа за клубот, со пожртвувана игра и предводени од капитенот Софија Пандева.

Главните кандидати и за шампионската титула понудија одличен натпревар, кој комплетно го оправда епитетот - голема борба, долги надигрувања со убави поени и интересен и возбудлив меч, во кој одлучија нијанси. 

Вардар ЕМ ќе го предизвика Наковски Волеј, в сабота, 17:30 часот, за кога е закажано женското финале од Купот на ОФМ 2026 во женска конкуренција.

Денеска, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје се играат полуфиналните натпревари во машка конкуренција.

17:30ч. Штип УГД – Струмица 47&72

19:30ч. ГОК Борец – Работнички 71&22

Влезот за сите натпревари е слободен.

Фото: ОФМ/Вангел Тануровски