Лудница во БиХ за бараж-финалето со Италија – билетите на црно одат и до 2.000 евра!

Билетите за натпреварот од бараж-финалето за пласман на СП 2026 закажано за во вторник помеѓу БиХ и Италија, кој ќе се одигра во Зеница, веќе се распродадени.

Оваа вест официјално ја потврдија од босанската Куќа на фудбалот.

„Сите влезници се распродадени. Ви благодариме за огромниот интерес и поддршката за ‘змејовите’“, соопштија од федерацијата.

Но, вистинската драма започнува надвор од официјалната продажба. На црниот пазар веќе се појавија билети по незапаметени цени, кои се движат од неколку стотици, па сè до неколку илјади евра. Еден од препродавачите дури побарал 2.000 евра за една карта, порачувајќи: „Кому му одговара – нека купи“.

Освен него, има и понуди од 1.000 и 1.500 евра, што предизвика бурни реакции кај навивачите. Голем дел од јавноста смета дека ваквите цени се директна навреда за вистинските фанови, особено во земја каде просечната плата тешко ги покрива основните трошоци. Многумина порачаа дека попрво ќе останат дома и ќе навиваат пред телевизор, отколку да ги „нахранат“ шпекулантите кои во репрезентацијата гледаат само шанса за брза заработка. Истовремено, сè погласни се повиците до Фудбалски сојуз на БиХ и надлежните институции да реагираат и да ја сузбијат нелегалната препродажба, преку построги контроли и санкции.