На Македонија ѝ даваат најмали шанси да се пласира на СП 2026 преку баражот (ФОТО)

Македонската фудбалска репрезентација утре против Данска во Копенхаген ќе го одигра полуфиналниот дуел од баражот за пласман на СП 2026, во кој влегува потценета и како голем аутсајдер, барем според букмејкерите.

Истото мислење за нашите шанси да преживееме на стадионот „Паркен“, но и потоа да излеземе како победници против подобриот од пресметката меѓу Чешка и Република Ирска го има и суперкомпјутерот. Според него, избраниците на селекторот Гоце Седлоски имаат 15-отсто шанси да излезат како победници од утрешната пресметка во данската престолнина, а само 4-отсто шанси да се пласираат на претстојниот Мундијал.

Но, ова не е првпат Македонија да биде вака потценета, што можеби е и добро бидејќи тоа ќе биде дополнителен мотив за нашите фудбалери да докажат дека вредат и можат многу повеќе од што мислат другите.