„Алкараз губи од кого ќе стигне зашто веќе му е - здодевнo!“

Двата порази по ред на шпанскиот тенисер Карлос Алкараз, особено оној на мастерсот во Мајами од Себастијан Корда, предизвикаа бројни реакции во тенискиот свет.

Меѓу оние што се огласија е и познатиот француски тренер Патрик Муратоглу, кој понуди интересно објаснување за моменталната форма на младиот Шпанец.

„Мислам дека на Алкараз му е здодевно. Ова момче веќе има освоено седум гренслем-титули и многу турнири од серијата АТП Мастерс 1000, па можеби тоа повеќе не го мотивира толку“, изјави Муратоглу.

Французинот, кој во кариерата работеше со ѕвезди како Серена Вилијамс, Наоми Осака и Холгер Руне, предупреди дека ваквата ситуација може да стане опасна за кариерата на шпанскиот тенисер. Тој смета дека проблемот е пред сè од ментална природа.

„Можеби ни самиот не е свесен за тоа, но едноставно ја губи концентрацијата“, објасни тој.

Како пример го наведе настапот на Алкараз во Мајами, каде во првиот меч против Жоао Фонсека не делувал доволно ангажирано.

„Веќе во следното коло загуби од Корда. Тоа само ја потврди мојата теза“, додаде Муратоглу.

Според францускиот тренер, ваквите осцилации не се карактеристични за другите водечки тенисери. Тој посочи дека Јаник Синер ретко губи во раните фази на турнирите, освен во случаи на повреда. Слична стабилност, според него, покажувале и легендите на спортот – Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роџер Федерер во своите најдобри години. И самиот Алкараз неодамна призна дека чувствува дополнителен притисок поради статусот на фаворит.

„Како да имам мета на грбот“, изјави Шпанецот, алудирајќи дека противниците секогаш играат со максимална мотивација против него.

Но, таквиот притисок не е непознат за најголемите шампиони. Новак Ѓоковиќ повеќепати истакнувал дека „притисокот е привилегија“, сметајќи го за составен дел од врвниот спорт.