Трајковски: Има нова енергија во тимот, сакаме да го повториме успехот од Палермо!

Македонија денеска продолжи со подготовки во тренинг-центарот „Петар Милошевски“, а напаѓачот Александар Трајковски кажа дека мора да пристапат максимално на натпреварот против Данска во полуфиналниот бараж за Светското првенство (СП).

Трајковски верува дека новата енергија во репрезентацијата може да донесе позитивен резултат.

„Со нов селектор доаѓа нова енергија и нова визија. Мислам дека добро ќе се подготвиме за овој натпревар. Вчера првпат се приклучив и навистина видов одлична атмосфера и квалитетен тренинг. Ако продолжиме вака, ќе бидеме максимално подготвени. Данска можеби е фаворит на хартија, но ние сме покажале дека можеме да играме против секого. Верувам во оваа екипа. Изјавите од нивна страна може само дополнително да нè мотивираат“, кажа Трајковски.

Македонскиот репрезентативец вели дека овој натпревар има посебно значење за него.

„Искрено, ова е еден од најважните натпревари во мојата кариера на репрезентативен план. Нема поубаво чувство од победа во вакви моменти и можност да се бориш за пласман на Светско првенство. Се надевам дека ќе успееме да го повториме успехот од Палермо. Ова е фудбал, се игра еден натпревар и сè е можно. Ќе ја анализираме Данска, ќе ги бараме нивните слабости и ќе се обидеме да ги искористиме. Само така можеме да дојдеме до посакуваниот резултат“, кажа напаѓачот.

Македонија ѝ гостува на Данска во Копенхаген в четврток од 20.45 часот.